Се очекуваат информации за сопатниците на жената со корона вирус

Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче, доктор Жарко Караџовски и премиерот Оливер Спасовски на кој потврдија за прв случај за коронавирус во Македонија.

По објавувањето на информацијата дека кај една жена е констатиран корона вирусот, Министерот за здравство Венко Филипче на синоќешната прес конференција информира дека сите останати 8 патници и шоферот на возилото се идентификувани и со нив е стапено во контакт. Четворица од патниците се од Скопје, а другите четворица од Струмица. Со нив синоќа требаше да постапи епидемиолошки тим од Центрите за јавно здравје од двата града за да се утврди нивната состојба и да бидат советувани и да им се пружи и прва терапија доколку за тоа има потреба.

Лицата што биле во возилото, што биле во контакт со жената кај која е констатиран вирусот, како и сите останати со кои подоцна стапиле во контакт ќе бидат во домашна изолација и под безбедносен надзор.

Доколку и кај некои од овие лица наодите и мониторингот покажат потврдени симптоми на корона вирусот, во текот на денешниот ден ќе бидат префрлени на некои од инфективните одделенија во болниците во Штип, Велес или Гостивар, како институции кои претходно беа утврдени како места за изолација за пациентите кај кои со сигурност е утврден вирусот.

Министерот Филипче и на оваа прес-конференција апелира дека нема потреба од загриженост, и дека системот за следење и прифаќање на сите сомнителни случаи е во добра функција.