Операторите ги отфрлуваат обвинувањата од телевизиите

Илустрација

Со целосна одговорност тврдиме дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно со домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми, истакнува Здружението на информатичко-комуникациски технологии, во реакција на денешната прес-конференција на Македонската медиумска асоцијација.

Од Здружението истакнуваат дека ги осудуваат најостро, како што велат, неоснованите обвинувања искажани од страна на членките на ММА – Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М.

„Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, наведува Здружението.

Претходно денеска членките на ММА на прес конференција истакнаа се пожалија дека ги купуваат авторските права за сè што емитуваат, а некој им прави нелојална конкуренција со пиратска програма. Оваа нивна реакција следуваше по вчерашната закана од кабелските оператори дека ќе прекинат со реемитувањето на сите домашни и странски канали. Причината е стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, кој предвидува тие да гарантираат за авторските права на програми кои ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.