Словенечкиот претседател го именуваше Јанша за кандидат за премиер

Архивска фотографија- Јанез Јанша, претседател на центродесничарската Словенечка демократска партија

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска го именува Јанез Јанша, претседателот на најголемата парламентарна партија во таа земја за кандидат за нов премиер и побара од парламентот да го потврдат тоа.

Парламентот идната недела се очекува да го изгласа Јанша, кој е прв човек на центро-десничарската Словенечка демократска партија. Тој ќе го замени левичарскиот премиер Марјан Шарец кој даде оставка минатиот месец.

Кога ја поднесе оставката тој соопшти дека тоа го прави за да отвори пат за предвремените парламентарни избори и наведе дека тогашната малцинска влада не може да ги протурка потребните важни закони.