Курти бара разрешување на Тачи, тврди дека го прекршил Уставот

Архивска фотографија- косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти го обвини денеска претседателот на државата Хашим Тачи дека извршил тешко прекршување на Уставот со тоа што во 2013 година, како премиер, потпишал таен договор со тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Форг Расмусен, со кој на Безбедносните сили на Косово (ФСК) им се забранува влез во северниот дел од државата, населен со мнозинско српско население.

Договорот на Тачи со НАТО кој го објави косовската влада

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти смета дека ваквото прекршување на Уставот од страна на Тачи претставува основа за започнување на процедурата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Косово.

Претходно Курти ја извести претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи дека побарал анализа на тајниот договор од 19 април 2013 година меѓу тогашниот премиер Тачи и генералниот секретар на НАТО.