Уште еден починат од последици по експлозијата во Романовце

Клинички центар во Скопје

На Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје синоќа почина 58-годишен пациент, кој беше во критична состојба откако настрада во експлозија на плинска боца во кумановско Романовце, информира за МИА Илир Хасани, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ.

Во крајно тешка состојба се и две жени, на возраст од околу 30 и 50 години. Во критична состојба, пак, е еден повозрасен маж, изјави Хасани.

Ова е четврт смртен случај. Во вчерашната експлозија загинаа три деца на возраст од осум, девет и 11 години. Уште седум лица беа повредени и се здобија со висок степен на изгореници.