Од Смилковско езеро до шпанската куќа на Борисов

БУГАРИЈА / БЕЛГИЈА - Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пред новинарите во Брисел, го демантираше написот во шпанскиот весник Ел Периодико дека се води истрага против него за перење пари и купување куќа во Барселона.

МАКЕДОНИЈА / КИНА - Двајца инженери од Кина, кои се меѓу работно ангажираните лица од кинеската компанија Синохидро за градежните работи на автопатот Кичево - Охрид, пристигнаа вчера во државава и се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба за изолација. За периодот од 14 дена додека биле во самоизолација во Кина овие лица немале никакви знаци на клиничка симптоматологија за коронавирус, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Вилма Русковска, по денешното рочиште за судење на организаторите на 27 април, изјави дека одбраната сама признала дека сите докази им се дадени во пишана форма, освен податоците од мобилните оператори за листата на дојдовни и појдовни повици. Денешното рочиште беше одложено на барање на одбраната, кое тврдеше дека ги нема доказите од претходното судење. Одбраната најави по 300 сведоци за секој обвинет. Обвинети за 27 април се поранешниот сипер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и екс-директорот на УБК, Владимир Атанасовски.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Оливер Спасовски денеска рече дека за кризата поради немањето обрасци за пасоши има две решенија. Едното е разговор со фирмата, која е добавувач да го направи тоа што е можно побрзо и на начин на кој ќе придонесе целата оваа работа да се преброди во целиот период, а тоа мора да оди заедно со менаџирање на состојбите внатре. За второто решение, тука воопшто не е проблем свикување седница на Владата, проблемот е што законот за патни исправи утврдува колкава е важноста на секоја исправа и со одлука на Влада не може да се промени законскиот текст, рече Спасовски.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешното сведочење за случајот Монструм кажа дека за петкратното убиство кај Смилковкото Езеро дознал наредниот ден и оти имал повеќе разговори со негови соработници, како и со претставници на меѓународната заедница, со цел да не се злоупотреби настанот. Стравувале дека овој случај може да доведе до судири и несакани случувања, тој и ДУИ давале придонес да се расчисти случајот.

РУСИЈА / САД - Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков денеска во Москва рече дека предупредувањата од американските разузнавачи се неточни. Разузнавачите деновиве во Конгресот изјавиле дека Русија се меша во изборната кампања со цел да се фрли сомнеж врз интегритетот на изборите и да се засили реизборот на претседателот Доналд Трамп. Ова, како што јави Ројтерс, било пренесено од лице запознато со брифингот.

САД - Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска рече дека мировниот договор меѓу Соединетите Американски Држави и авганистанските Талибанци се очекува да биде потпишан на 29 февруари.

УКРАИНА - При пристигнувањето на првата група евакуирани Украинци од Вухан, епицентарот на коронавирусот, дојде до насилства во градот Нови Санзхари кој се наоѓа во источниот дел од Украина. Локалните жители се спротиставија на одлуката потенцијално инфицираните со коронавирус да бидат сместени во областа, па фрлаа камења и се судрија со полицијата. Заедно со евакуираните во карантин ќе биде и украинската министерка за здравство за да ги намали тензиите и паниката поради коронавирусот.

КОСОВО - Министерката за надворешни работи на Јамајка Камина Џонсон - Смит го демантираше косовскиот претседател Хашим Тачи дека карибската островска држава го признала суверенитетот на Косово.

ИРАН - Иранците гласаа на парламентарни избори во кои сите кандидати претходно биле скенирани од исламските клерици во Советот на старатели. Илјадници апликации од реформистите и умерените биле отфрлени.

ТУРКМЕНИСТАН - Централно азиската држава Туркменистан, чија територија околу 80 отсто е песочна пустина ќе плати 1 289 000 американски долари на британската компанија Андру Боуен за 10 000 тони песок кои ќе ги искористи за нови патеки за коњски трки.