Кокаин и пријавување Кинези

САД - Скоро 170.000 луѓе ги напуштија своите домови во северозападна Сирија поради воздушните напади и тие главно живат под отворено небо или во недовршени згради, соопшти денеска службата за хуманитарни прашања на ОН (ОЦХА).

РУСИЈА - Вработен во јавниот транспорт во Москва за Радио Слободна Европа вели дека на сите возачи на автобуси, трамваи и тролејбуси во рускиот главен град им биле дадени инструкции да ги запрат своите возила и да ги симнат сите патници ако се сомневаат дека меѓу нив има патник од Кина.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска рече дека во вчерашната акција во скопското село Крушопек бил запленет еден килограм кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била земјава. Тој додаде дека се приведени четири лица, а е отворена финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата и истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица.

РУСИЈА - ОБСЕ денеска побара од руските власти да ја отворат повторно истрагата за убиството на Борис Немцов, поранешен руски опозициски политичар кој беше убиен пред речиси пет години во близина на Кремљ. Организацијата наведува дека недостатоците во првата истрага оставаат многу неодговорени прашања.

САД - Американскиот државен секретар Мајк Помпео се среќава со лидерите на Саудиска Арабија денеска, а на разговорите главна тема се очекува да биде ривалот на двете земји Иран. Стејт департментот соопшти дека Помпео, кој пристигна во Ријад вчера, се среќава со кралот Салман и неговиот син и со министерот за надворешни работи Фаисал бин Фархан.

КОСОВО - Американскиот амбасадор во Косово Филип Коснет изјави дека Косово е држава и оти така ќе остане. Тој, како што јавуваат косовските медиуми, при посетата на Митровица изјави дека САД силно го поддржуваат постојниот процес на дијалог под водство на Европската унија кој има за цел сеопфатна спогодба меѓу Косово и Србија. Амабасадорот Коснет изрази очекување дека ќе бидат укинати таксите за увоз на стоки од Србија на Косово.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Адвокатот на Џулијан Асанж вели дека основачот на Викиликс ќе му каже на судијата кога ќе има сослушување за екстрадиција дека му било понудено помилување од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ако јавно каже дека Русија не е инволвирана во протекувањето на електронската пошта на членовите на Демократскиот национален комитет.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска рече дека доказите упатуваат на тоа дека напаѓачот кој уби девет лица во германскиот град Ханау бил отруен од расизам.