Еден килограм запленет кокаин во Крушопек, четворица приведени

Архивска фотографија- техничкиот министер за внатрешни работи на Северна Македонија Наќе Чулев

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска рече дека во вчерашната акција во скопското село Крушопек бил запленет еден килограм кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била земјава. Тој додаде дека се приведени четири лица, а е отворена финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата и истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица.

Чулев не сакаше да каже за колква количина на дрога станува збор, со оглед на тоа што некои медиуми излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тони кокаин, нагласувајќи дека во моментот во интерес на истрагата не може да кажува официјално такви податоци, но напомена дека станува збор за „многу, многу голема количина“.

Тој истакна дека дрогата била по потекло од Колумбија, а кокаинот е пронајден во магацин за овошје на правното лице Банекс компани ДООЕЛ. Како што кажа Чулев приведен е еден Црногорец, возач на камионот со кој била пренесена дрогата во Крушопек, сопственикот на магацинот и неговиот син и вработен во магацинот.