Во струмичко пронајдени пет мигранти во товарно возило

Илустрација

На локалниот пат од село Банско за село Робово, на влезот во струмичкото село Робово, вчера утрото полициски службеници во товарно возило „ивеко фургон“, со скопски регистарски ознаки, пронашле пет лица мигранти, од кои две од Авганистан и три од Пакистан.

Од МВР денеска информираа дека шеесет и двегодишниот скопјанец кој го возел товарното возило бил лишен од слобода и заедно со мигрантите биле спроведени во СВР Струмица. Против возачот е поднесена кривична пријава, а мигрантите се предадени во Прифатните центри, соопшти министерството.

Инаку, во последниов период полицијата често пронаоѓа нелегални мигранти кои транзитираат низ земјата. Неделава, како што информираше МВР, пронашле32 мигранти во товарно возило во близина на Радовиш. Минатата недела, пак, кај струмичкото село Куклиш беа пронајдени 53 мигранти, а во друга акција, на автопатот Демир Капија – Неготино, беа пронајдени 22 мигранти.