Пасоши, милијарди и секс скандали

МАКЕДОНИЈА - МВР очекува во март да добие 100.000 обрасци за патни исправи. Во моментов се преостанати 3.700 обрасци, од нив 650 ќе бидат за издавање патни исправи по итна постапка, а останатите ќе се издаваат по приоритет.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот Рекет, побара јавноста да биде исклучена од денешното рочиште на кое се слушаат снимките од УСБ-то на Зоран Милевски кој е осуден на три години затвор откако призна вина. Русковска ова го побара од судијката Васка Николовска-Масевска поради тоа што се споменувале имиња на лица кои не се вклучени во случајот, па нивниот углед би можело да се повреди.

ФРАНЦИЈА - Француското обвинителство отвори истрага за рускиот уметник Пјотр Павленски и неговата девојка за протекување на секс видео за кандидатот за градоначалник на Париз Бенџамин Гриво кој по објавувањето се откажа од трката.

БЕЛГИЈА - Европскиот комесар за внатрешен пазар Тијери Бретон ги предупреди големите технолошки компании дека ЕУ разгледува воведување обврзувачки мерки доколку тие сами не воведат регулатива околу содржините со изрази на омраза или лажните вести.

КИНА - Пекинг соопшти дека има 1886 потврдени ново заболени со коронавирус и 98 починати. Со овие последни бројки во Кина досега починаа речиси 1900 луѓе, а заболени се речиси 72 500 лица.

ИРАН - Иранските судски власти денеска соопштија дека изрекле казна затвор за осум активисти за животна средина, меѓу кои и Иранец кој има британско и американско државјанство, со обвинение дека шпионирале за Соединетите Американски Држави и делувале спротивно од иранските национални интереси.

ХОЛАНДИЈА - Холандскиот апелациски суд денеска ја потврди одлуката на меѓународниот арбитражен панел Русија да им исплати 50 милијарди американски долари обештетување на акционерите во поранешниот руски нафтен гигант Јукос.

АЛБАНИЈА - Ова е фантастичен момент за сите да разберат дека ЕУ, иако може да ни оди на нерви, е еден вид на најневеројатно највизионерскиот и најубавиот проект што човештвото го измисли за да ги зближи луѓето и да ја направи политиката сила за добро, изјави албанскиот премиер Еди Рама по донаторската конференција за Албанија, на која беа соберени над една милијарда евра.

ХРВАТСКА - Зоран Милановиќ и официјално е нов претседател на Хрватска, откако точно напладне со давање свечена заклетва се обврза дека функцијата ќе ја врши совесно и одговорно.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Пратениците во Република Српска дадоа краен рок од 60 дена за реформа на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во спротивно заканувајќи се со отцепување.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за време на вчерашната посета на Србија им порачал на соговорниците дека нема да имаат таков како него. Вучиќ притоа не кажа што Шојгу нему лично му рекол, бидејќи, како што рече, тоа би било нескромно.