Собранието ќе расправа и за предлогот за разрешување на Мизрахи

Рашела Мизрахи, техничка министерка за труд и социјала

Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да расправаат и за предлогот за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Премиерот Оливер Спасовски претходно потврди дека доставил до Собранието предлог за разрешување на Мизрахи, а барањето за разрешување следува откако министерката неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“.

Спасовски изјави дека во предлогот доставен во Собранието за разрешување на Мизрахи, тој нема дадено ново решение и затоа, нагласи, тоа останува на опозицијата.

Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат што го почитува Уставот и законите. На пример еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам, додаде Спасовски.

Ставот на Мизрахи е дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.