Украина смета дека има простор за компромис со Русија

Новиот шеф на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак

Новиот шеф на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак упати сигнали дека има простор за компромис во разговорите за ставање крај на војната со проруските сепаратисти во источниот дел на земјата. Еден ден по неговото назначување на функцијата Јермак порача дека тимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе продолжи да работи на решавање на конфликтот во источна Украина.

„Се разбира дека може да има компромиси за време на преговорите. Сме зборувале за ова многу пати. Јас сакам да додадам дека сум подготвен и имам волја да продолжам да го правам ова: да зборувам со сите патриотски, компетентни и разумни сили во оваа земја“, изјави Јермак.

Рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски последен пат се сретнаа на 9 декември во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел во присуство на медијатори. Очекуваната средба не успеа да стави крај на конфликтот. Сепак Зеленски и Путин објавија дека се согласиле повторно да се состанат за четири месеци.

Назначувањето на Јермак предизвика сомнежи во Украина дека со тоа ќе се ублажи позицијата на Киев кон Русија, особено во услови на сегашното затоплување во односите по големата размена на затворениците кон крајот на минатата година. Јермак беше вклучен во размената како помошник на Зеленски.