Во „Рекет“ фотографии и снимки од Катица Јанева

Архивска фотографија- Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“

На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ во кој обвинителството ги прикажува своите докази се покажаа неколку фотографии и кратки видеа на кои се гледа поранешната специјална јавна обвинителка, сега осомничената Катица Јанева, со купче пари. Таа седи во домашна атмосфера, а на масата пред неа има сноп пари во банкноти од 500 евра. Беа презентирани фотографии и на кои Јанева е во скопски ресторан и стои до масата, а во рацете држи плик.

Покрај ова како докази се читаа и пораките од вештачењето од телефонот на првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски за неговата комуникација со извесен Васе, со водителката Лила Стојановска,со осомничениот бизнисмен во „Поштенска банка“, Томе Главчев, со обвинетиот од истиот случај Зоран Милевски и со други.

Претходно беа претставени и пораки од комуникацијата на Боки 13 со поранешниот премиер, претседателот на СДСМ Зоран Заев. Според презентираното, Боки 13 во април лани, еден месец пред отворањето на истрагата за случајот „Рекет“, барал од Заев да го прими на што тогашниот премиер одговорил „ќе се видиме и ќе се соочиме. Ова е чист рекет. Јас ги видов доказите“.

Инаку во случајот „Рекет“ обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, првоосомничениот Јовановски и Зоран Милевски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.