Димитров му предлага на Спасовски да ја разреши Мизрахи поради вербална нота од Грција

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес конференција денеска изјави дека од Грција е пристигната вербална нота поради прекршување на Договорот од Преспа. Во неа е наведено дека е забележано грубо прекршување на преспанскиот договор со менувањето на таблата во министерството за труд и социјална политика од страна на техничкиот министер Рашела Мизрахи.

„Мизрахи го прекрши уставот, иако при доаѓањето на таа функција се обврза да го почитува и да го брани уставот. Грција испрати протесна нота за овој случај“, рече Димитров.

Димитров изјави дека му предлага јавно на техничкиот премиер Оливер Спасовски да побара нејзино разрешување додека се уште не е распуштено Собранието, поради тоа што нејзиното однесување може да предизвика дополнителни прекршувања на Уставот.

„Ова претставува грубо прекршување на Договорот од Преспа и доаѓа по повторени прекршувања на Договорот од страна на министерот за труд и социјална политика и од министерот за внатрешни работи. Амбасадата го посочува фактот дека Договорот од Преспа мора да биде доследно и посотојано почитуван“, пишувало во вербалната нота.