Потерници, отпад и вакцини

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи на својата интернет страница објави меѓународни потерници за Агим Красниќи и Сехат Рамадани, двајцата за кои се обелодени дека не се вратиле на отслужување на казната во затворот во Штип. Двајцата се припадници за т.н. Кондовска група и се осудени на по 15 години за повеќе кривични дела. Одлежаа 12 години.

МАКЕДОНИЈА - Царинската управа соопшти дека ги добиле резултатите од анализата на двете мостри од РДФ отпадот кој ги пратија на анализа во лабораторија во Естонија и дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во европскиот стандард за цврсти обновени горива.

КИНА / САД - Кинескиот претседател Си Џинпинг зборувал телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп за коронавирусот, истакнувајќи дека Пекинг не штеди напори во борбата против епидемијата, јавија кинеските државни медиуми.

ЈАПОНИЈА - Најмалку 61 лице на патничкиот брод кој е вкотвен во јапонското пристаниште Јокохама се заболени од коронавирусот, соопшти владата на Јапонија. Бројката на заболени беше 20, но се зголеми откако стигнаа резултатите од тестирањето кои покажаа дека коронавирус имаат уште 41 патник.

ГРЦИЈА - Во текот на сезонската епидемија на грип во текот на оваа зима во Грција починале 38 луѓе, а лекарите предупредуваат на важноста од вакцинирање.

САД / КИНА - На светско ниво поради новиот коронавирус има недостиг на заштитни маски и опрема, рече шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Габриезус.

УНГАРИЈА / СРБИЈА - Унгарската полиција соопшти дека привремено затворила еден граничен премин со Србија за да го пресече патот на голема група мигранти во обид да ја минат границата.

БУГАРИЈА - Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на премиерот на Бугарија Бојко Борисов нема да иницира и да поддржи импичмент на бугарскиот претседател Румен Радев.