МВР најавува преземање мерки за Фејсбук постот на Тричковски

Архивска фотографија- зградата на Министерството за внатрешни работи

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека „при следење на интернет содржини со цел утврдување и документирање содржини со говор на омраза од страна на Секторот за компјутерски криминал утврден е профил со име Б.Т., кој на 06.02.2020 во 16.05 часот го објавил следниот текст: „Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи“.

Инаку, станува збор за пишувањето на социјалната мрежа Фејсбук на новинарот Бранко Тричковски поврзано со министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи која има еврејско потекло.

Од министерството наведуваат дека случајот е документиран и доставено е известување до Основно Јавно Обвинителство со цел нивно запознавање со предметот и воедно издавање барање адресирано до компанијата Facebook Inc да достави кориснички податоци за профилот.

„По добивање на потребните податоци ќе бидат преземени соодветните мерки и активности со цел утврдување на сторителот на кривичното дело по член 394-г - „Ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ и член 319 - „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидени во Кривичниот закон“, наведуваат од МВР.