Штипски затвор, милански шопинг, албански солзи...

МАКЕДОНИЈА - Осуденикот Агим Красниќи не се пријавил во затвор Штип по викенд отсуството и официјално се води како бегалец. Припадникот на т.н. Кондовска група помина 12 години во затвор и му остануваат уште три да ја одлежи казната за неколку кривични дела.

МАКЕДОНИЈА - Во продолжението на судењето за предметот Рекет беа презентирани докази од обвинителството, меѓу кои беше пуштена снимка од необјавена емисија Инсајдер, а презентирани беа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски од 2019 година за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија и за три дена потрошил вкупно 148.000 евра. Во доказите беа и пораки и преписки на Боки 13 со Фросина Ременски, Катица Јанева и снимки од домот на Орце Камчев.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април ќе настапат заедно со Алтернатива. Додаде дека се отворени за коалицирање и со други албански партии.

ЈАПОНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Министерството за надворешни работи информираше дека според последните информации добиени од министерството за надворешни работи на Јапонија, потврдено е присуство на тројца македонски државјани на патничкиот брод кој е задржан близу Јокохама, Јапонија. Причина за задржување на бродот е присуството на заразени лица од коронавирусот. На бродот има 3700 патници, сите биле тестирани, кај 20 бил потврден коронавирусот, а се чекаат резултати од 170 патници.

САД - Шефот на Федералното истражно биро ФБИ, Кристофер Вреј изјави дека Русија спроведува операција за информациско војување против САД пред претседателските избори во 2020 година, иако, како што додаде, не видел знаци дека Русите се обиделе да ја нарушат изборната инфраструктура.

РУСИЈА - Кремљ се дистанцира од именувањето на рускиот државјанин Владимир Пашков за вршител на должноста премиер на украинскиот сепаратистички регион Донетск. Коментирајќи ги написите во медиумите дека поранешниот гувернер на рускиот регион Иркутск е именуван за вршител на должноста премиер на Донетската народна република портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рече дека во тоа нема ништо контроверзно.

СРБИЈА / АЛБАНИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази поддршка за новата методологија за проширување на ЕУ. Според него, Србија може да има корист од предложениот план, кој ќе им овозможи на земјите-членки посилна улога во разговорите за пристапување. Албанскиот претседател Еди Рама, пак, рече дека Албанија нема да плаче пред вратите на ЕУ.

САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека преживеал ужасно тешко искушение за време на неговиот импичмент и притоа порача дека она што му се случило не треба да се дозволи да продолжи понатаму. Трамп обвини дека некои од најнечесните и корумпираните луѓе барале тој да биде отповикан преку измама.

САД - Почина Кирк Даглас, кој глумеше во епскиот филм Спартак и десетици други продукции. Со огромна тага моите браќа и јас објавуваме дека Кирк Даглас нè остави денес на 103-годишна возраст, наведе неговиот син Мајкл, исто така холивудска ѕвезда.