Судењето за „Рекет“ продолжува

Скопје- рочиште за случајот „Рекет“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Рекет“. Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да се продолжи со презентирање докази, а на ред се снимки доставени од сведокот Јордан Камчев во Обвинителството. На минатото рочиште беа презентирани фотографии од предмети одземени при претресот на домовите и работните простории на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, како и од претресот на домот на Зоран Милевски-Кичеец, кој призна вина. Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.