Желби, правила и искинат говор

ТУРЦИЈА - Во лавина која паднала врз планински пад во источната турска провинција Ван загинале најмалку 21 спасувач кои оделе да пронајдат двајца изгубени во друга лавина, јавија агенциите.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Целта на Европската унија останува проширувањето со шесте балкански држави- Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна рече новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји во Брисел на која беше објавена новата методологија за пристапните преговори. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пак, нагласи дека предлогот е добра порака за Северна Македонија и Албанија, двете разочарани земји од немањето одлука за почеток на преговорите во октомври.

МАКЕДОНИЈА - Вработен во Агенција за обезбедување кој го обезбедувал ТЦ Сити мол заработи обвинение за лажното пријавување дека има бомба во трговскиот центар, минатата недела.

МАКЕДОНИЈА - По објавувањето на новата методологија на ЕК за проширување на ЕУ, министерот за надворешни работи Никола Димитров ги поздрави напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес.

КИНА - Над 490 починати и околу 24.000 заразени од коронавирусот во Кина, е последниот биланс што го соопштија кинеските власти.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп во своето трето обраќање за состојбата на нацијата ги пофали економските достигнувања и побара реизбор на претседателските избори годинава. Лидерката на Демократите во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, ја искина нејзината копија на обраќањето на Трамп, како политички гест откако го ислуша неговиот говор.

ТУРЦИЈА - Анкара побара од Европската унија да ја тргне, како што вели, вештачката поделба меѓу Западен Балкан и Турција во политиката за проширување на ЕУ.

РОМАНИЈА - Романските пратеници ѝ изгласаа недоверба на десничарската малцинска влада на премиерот Лудовик Орбан, околу четири месеци откако го презема кабинетот.