Министерство за правда: законот за ЈО го подготвуваа домашни и странски експерти

Архивска фотографија- Министерство за правда

Министерството за правда денеска преку соопштение информира дека законот за Jавно обвинителство се изготвувал долг временски период од работна група во која што учествуваале домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и странски јавни обвинители коишто давале сугестии и мислења за одредени прашања поврзани со законот.

Оваа реакција на министерството следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција предложи законот да дојде од експертите и професорите од Правен факултет, нагласувајќи дека таков закон ВМРО-ДПМНЕ „безрезервно и без двоумење ќе прифати“.

Од министерството за правда, пак, велат дека законот е се уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваат да подготват амандмани на тој текст.

„Се останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата“, наведуваат од Министерството за правда.

Од таму нагласуваат дека е несериозно да се бара изготвување на нов текст на Закон за Јавното обвинителство, бидејќи работната група го подготвувала текстот повеќе од две години, а една година имало откога се започнати преговорите за овој закон.