Евакуирана македонска државјанка од кинескиот град Вухан

Скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје, како дел од превентивните мерки против коронавирусот.

МНР соопшти денеска дека македонска државјанка била успешно евакуирана од кинескиот град Вухан, каде се појави коронавирусот. Нејзината здравствена состојба е добра и како што наведува во соопштението, не постојат симптоми на коронавирусот. Постапката на евакуацијата била спроведена преку приклучување кон Програмата за евакуација на Франција, која за оваа намена организирала специјален лет.

„Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во трaење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан“, стои во соопштението на МНР.

Од МНР информираат и дека се во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави.