Вучиќ: Берлин ќе го има главниот збор во дијалогот со Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека германските власти ќе го имаат главниот збор во решавањето на косовското прашање.

„Мислам дека веќе знам кој ќе биде претставник на ЕУ за дијалогот (Белград и Приштина) и веројатно за Босна и Херцеговина. Ќе биде некој кој има голема поддршка од Берлин и кој има влијание во Берлин. Без разлика која е таа личност, Берлин преку Брисел фактички ќе го води главниот збор, што нема да биде лесно за нас. И ќе биде многу, многу тешко“, изјави Вучиќ за ТВ Прва.

Вучиќ за високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеф Борел, кој вчера го посети Белград, изјави дека се работи за човек кој ги разбира политичките погледи и потреби на Србија, наспроти тие што мислат дека е нормално и е прашање на време кога земјата ќе ја признае независноста на Косово. Борел го најави назначувањето на посредник на ЕУ во дијалогот меѓу Србија и Косово.