Нетанјаху ќе го брифира Путин за планот на Трамп за Блискиот исток

Москва- рускиот претседател Владимир Путин со цвеќе го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, 30.01.2020

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Москва се очекува да го брифира рускиот претседател Владимир Путин за планот за Блискиот исток на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во пресрет на денешната посета Русија го ослободи американско-израелскиот државјанин обвинет за дрога откако Путин го помилува. Мировниот план на Трамп, кој беше објавен претходно неделава, беше пречекан со одобрување од Нетанјаху, со студени реакции од Обединетите нации и Европската унија и со лутина од Палестинците и други земји.

За израелско-палестинскиот конфликт во планот се предлага решение со две држави, но Ерусалим во целост да остане престолнина на Израел. Договорот предлага и евентуално создавање палестинска држава со нејзин главен град сместен, во она што Трамп го опиша како „источен Ерусалим“, но пред тоа треба да се исполнат серија услови. Палестинскиот претседател Махмуд Абас веднаш го одби планот како произраелски и рече дека сака да продолжат преговорите со неутрални посредници.