Мицотакис утре на средба со Макрон, тема и проширувањето на ЕУ

Архивска фотографија- грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас денеска рече дека се надеваат дека Франција е расположена да направи чекори кои ќе одведат до подобар резултат на следниот Европски совет во март во однос на ЕУ перспективата на Западен Балкан. Тој ова го кажа пред утрешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничата на МИА од Атина, дали Мицотакис ќе се обиде да го убеди Макрон да го промени ставот за Северна Македонија и Албанија, земајќи ги предвид француските позиции од една и грчките иницијативи за поддршка од друга страна, Пецас рече дека Мицотакис ќе ја презентира грчката позиција и изрази надеж дека Париз ќе направи чекори кон подобар резултат на следниот Самит во март.

Грчкиот премиер утре заминува за Париз, а на средбата со францускиот претседател ќе стане збор за темите поврзани со ЕУ, за билатералните прашања, за меморандумот меѓу Турција и Либија, како и за проширувањето на Европската унија. Мицотакис, од Париз ќе замине за Брисел каде што во вечерните часови ќе има работна вечера со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.