Претседатели, сведоци и паднати авиони

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп во август лани изјави дека сака да ја замрзне воената помош за Украина се додека тамошните власти не помогнат со истрагата на неговите политички ривали, вклучувајќи го и поранешниот потпретседател Џо Бајден. Ова го пишува весникот Њујорк тајмс, повикувајќи се на објавен ракопис на екс советникот за национална безбедност Џон Болтон.

ЕВРОПА - Поминаа 75 години откако советските трупи го ослободија концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау во Полска, но работата на идентификацијата на повеќе од милион жртви сè уште трае. Европа, како и Македонија, ја одбележаа 75-годишницата од ослободувањето на концентрациониот логор - еден од црните симболи на еден од најголемите ужаси од поновата светска историја.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Лиле Стефанова, поранешна обвинителка во СЈО, која го водеше предметот Империја, сведочеше пред судот во случајот Рекет.

ХРВАТСКА - За време на хрватското претседателство со ЕУ посебен фокус ќе се стави на проширувањето на ЕУ во однос на Југоисточна Европа.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека на самитот на Европската унија кој треба да се одржи во март во Загреб ќе притиска Северна Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ.

КИНА - Кина потврди дека на нејзина територија 2700 луѓе се заразени од новиот коронавирус, а дека 80 болни починале. Повеќето од нив се од провинцијата Вухан која беше прва од погодените од вирусот минатиот месец.

АВГАНИСТАН - Авион се урна во Авганистан, соопштија властите, но деталите за несреќата остануваат нејасни. Властите соопштија дека несреќата се случила околу 13.10 по локално време во северозападната провинција на Авганистан во која има големо присуство на Талибанците.

ИРАК - Пет ракети паднале во близина на американската амбасада во Багдад, ранувајќи неколку луѓе. Три проектили ја погодиле инсталацијата на зградата, додека една паднала во ресторанот на амбасадата.

СЛОВЕНИЈА - Словенечкиот премиер Марјан Шарец си поднесе оставка од позицијата. Како што јави Ројтерс, тој ја пратил оставката до парламентот и побарал да се распишат предвремените парламентарни избори наведувајќи дека сегашната малцинска влада не може да ги протурка потребните важни закони.