Во земјотресот во Турција загинаа најмалку 31 лице

Бројот на загинати во големиот земјотрес што ја погоди источна Турција во петокот навечер се зголеми на 31 лице. Турската служба за справување со катастрофи и вонредни состојби го потврди бројот на загинатите, повеќето од нив во провинцијата Елазаг и најмалку четворица мртви во соседната провинција Малатија. Бројот на повредени исто така се зголемува, а во моментов изнесува 1.607 лица. Спасувачките екипи и натаму бараат преживеани, а досега од под урнатините се спасени 45 лица.

Земјотрес со јачина од 6,8 степени ја погоди провинцијата Елазаг во петокот навечер, со епицентар во малиот крајбрежен град Сиврице. Земјотресот беше почувствуван во соседните градови и земји.

Повеќе од 80 згради се целосно уништени од земјотресот и најмалку 645 се тешко оштетени во Елазаг и Малатија. Вчера турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган вети дека турската Агенција за домување ќе стори сé што е потребно за да се осигура дека никој нема да остане без покрив над главата.