Папата го поддржа суверенитетот на Ирак

Папата Франциск и ирачкиот претседател Бархам Салих

Папата Франциск и ирачкиот претседател Бархам Салих денеска во Ватикан се согласија дека мора да се почитува суверенитетот на Ирак, по нападот на ирачката територија овој месец. Салих разговарал и со државниот секретар кардинал Пејтро Паролини и надбискупот Пол Галагер, министер за надворешни работи на Ватикан.

„Фокусот на разговорите беше на предизвиците со кои Ирак се соочува во моментов и на важноста за промовирање на стабилноста и процесот на реконструкција, дијалогот и процесот на барање соодветно решение во корист на граѓаните и почитување на суверенитетот на земјата“,соопшти Ватикан.

За прашањата на Блискиот исток, папата вчера разговараше и со американскиот потпретседател Мајкл Пенс. Поглаварот на Римокатоличката црква соопшти дека тензиите во Ирак ја отежнуваат неговата посета на земјата, која ја планира оваа година.

Во Ирак живеат стотици илјади христијани кои страдаа во време кога „Исламската држава Ирак и Левант“контролираа големи делови од земјата.