Во Франција потврден трет случај, коронавирус изолиран и во Австралија

Во Франција е потврден трет случај на новиот смртоносен коронавирус, што се први пријавени случаи од ова заболување на европско тло, пренесува сгенцијата „АП“. Француските власти објавија дека тројцата болни луѓе патувале во Кина, а двајца од нив се од исто семејство,

Претходно, француската министерка за здравство, Анјес Бизин, соопшти дека два случаи на вирусот кои потекнуваат од Кина, биле потврдени во Париз и Бордо.Според неа најверојатно ќе има повеќе заболени, но уверува дека властите ќе направат се за да го ограничат ширењето на вирусот.

Денеска и официјалните власти во Австралија потврдија еден случај на заразен од овој вирус во државата Викторија.

Кина соопшти дека досега починале 41 лице, а најмалку 2928 случаи се пријавени во 29 провинции низ целата земја, при што 237 пациенти се наоѓаат во сериозна состојба.

Првите случаи на заразени во Европа доаѓаат откако кинеските власти воведоа ограничувања на движењето, затварајќи го јавниот превоз и регионалниот сообраќај во 13 градови во провинцијата Хувеј. Светската здравствена организација изрази скептицизам за мерките кои опфатија 36 милиони жители на провинцијата.