ВМРО-ДПМНЕ ја напушти средбата за законот за ЈО, го бараат Јовески

Според пратеникот Антонијо Милошоски, обвинителот Љубомир Јовески (на фотографијата) во интервју кажал дека „приоритет е носење нов квалитетен закон за Јавно обвинителство“

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ попладнево ја напуштија средбата на работните групи за законот за Јавно обвинителство, откако министерката за правда, Рената Десковска, го одбила нивното барање во следните половина час да го повика државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да учествува во констриурањето на законот. ВМРО-ДПМНЕ побараа и Јовески да присуствува на средбата откако, како што рекоа, во интервју изјавил дека „приоритет е носење нов квалитетен закон за Јавно обвинителство“.

„Јовески треба да присутен на дебатата бидејќи тој минатата година даде изјава, цитирам: ‘Она што е неопходно е носење на нов закон за ЈО, но квалитетен закон, а не некој со дневно политички влијанија’. Затоа сметавме, бидејќи е државен функционер, исто како Дескоска, мора да биде присутен на ваква средба која се однесува на предлог-законот за Обвинителството кое тој го раководи. Задоволни сме што Дескоска прифати да биде присутна стручната правна фела, но не сме задоволни бидејќи не прифати да го повика Јовески“, рече Антонијо Милошoски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Милошoски потенцираше дека според него и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, критиките од Јовески се премногу силни за да тој не учествува во работата на работните групи.

„Кога Дескоска ќе биде подготвена да го обезбеди присуството на Јовески, тогаш ќе преговараме. Острите критики на Јовески се премногу силни, за да го заобиколиме на вакви важни средби. Заев сака да создаде тврдина која ќе го заштити од кривичен прогон по изборите кои ќе ги изгуби“, додаде Милошоски.

Според министерката Дескоска, барањето Јовески да присуствува на средбата било само изговор.

„Жал ми е што постапија така, но исто така морам да кажам дека беше очекувано нивното однесување имајќи предвид дека тие едноставно не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став којшто е практично запирање на предметите од СЈО“, рече Дескоска по средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство што се одржа во Собранието.

Обвинителот Јовески, пак, смета дека местото на јавниот обвинител нe e да учествува во политичките разговори за носењето на Законот за ЈО. Тој во изјава за ТВ Телма рече дека ако се отвори стручна расправа по предлог Законот за јавното обвинителство и ако биде повикан, ќе учествува во расправата и ќе го каже неговото стручно мислење.