Вучиќ-Гренел: Србија и Косово почнуваат преговори за железничка линија

Белград- претседателот на Србија Александар Вучиќ и специјалниот пратеник на САД за односите меѓу Косово и Србија Ричард Гренел, 24.01.2020

Работни групи од Србија и од Косово в понеделник ќе заминат во Берлин за да разговараат со специјалниот пратеник на САД за односите меѓу двете земји Ричард Гренел за воспоставување на железничка линија меѓу Белград и Приштина. Ова беше соопштено денеска во српскиот главен град по средбата на домаќинот, претседателот Александар Вучиќ со Гренел.

Гренел покрај тоа што е американски пратеник за односите меѓу Србија и Косово е и амбасадор на САД во Германија. Тој во Белград допатува од Приштина и како што беше и најавено, побара Србија да запре со кампањата за повлекување на признавањето на Косово.

„Истото барање го пренесувам и овде, а тоа е она што е поврзано со кампањата за повлекување на признавањата, која мора да престане“, рече Гренел.

Вучиќ на ова одговори дека за него тоа не било исто оти косовските такси од сто отсто за српските производи биле воведени без причина. Гренел од Приштина побара да ги укинат таксите.

Гренел во Белград и во Приштина со порака за подобрување на економскиот развој

Инаку посетата на американскиот дипломат следува неколку дена откако тој посредуваше за договорот меѓу двете страни со германската компанија Луфтханза за авиолинија Приштина-Белград.