Спасовски - Оваа техничка влада се разликува од таа во 2016

Премиерот Оливер Спасовски на владина седница.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски во интервју за МИА вели дека сегашната техничка влада значително се разликува од онаа во 2016 година, која имаше цел да ја подослободи атмосферата во државата со цел граѓаните да можат да донесат слободна одлука на изборите, додека сега, кога државата е демократска со слободни демократски институции, новиот преоден владин кабинет работи на сите стратегиски приоритети на земјата и да обезбеди фер и демократски избори.

За обвинувањата не неговиот наследник во МВР, Наќе Чулев дека за време на мандатот на Спасовски криминогени структури се инволвирале во Министерството, новиот премиер одговара дека министерството некогаш било злоупотебувано од претходната власт, но дека сега тоа е минато, а МВР сега започнува и завршува суштински реформи, има реформирани агенции и управи, нема долгови.

„Инаку, кога станува збор за криминогени структури, да, јас сум говорел, сум влечел конкретни потези за ослободување на институциите од тие криминогени структури и, на крајот на краиштата, јас сум тој што прв почна да говори дека мораме да имаме ветинг во институциите и што направи конкретен чекор за институцијата ветинг. Така што не сакам како сериозни политичари, барем тие што се сметат за тоа, да се занимаваме со муабети, констатации, што може ќе придонесуваат за политички поени и воодреден момент за, не знам, фасцинирање на јавноста од тоа што се случува, туку едноставно треба да се зафатиме со работа“, вели Спасовски.

Тој вели дека носењето на Закон за јавно обвинителство не е услов за добивање датум за преговори, меѓутоа би било добра препорака пред Европскиот совет и политичарите со тоа имаат поголема одговорност да го сторат тоа. Спасовски вели дека нормално функционира коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ и дека одредените несогласувања по прашањата се должат на силниот демократски капацитет што го има оваа и претходната Влада. Премиерот за претстојните избори вели дека државата треба да стори сè тие да бидат фер, демократски и слободни. А за после изборите тој вели дека нема да го стави својот личен интерес или очекувања пред интересот на граѓаните.