Вучиќ: изборите во Србија ќе се одржат кон крајот на април

Архивска фотографија- претседателот на Србија Александар Вучиќ

Парламентарните и локалните избори во Србија ќе се одржат на 19 или на 26 април, изјави претседателот Александар Вучиќ. Тој, на крајот од гостувањето во утринската програма на ТВ Прва, кажа дека изборите ќе бидат на крајот на април, прецизирајќи дека ќе бидат на 19 или на 26 април.

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ дефинитивно ја отфрли идејата, за која се залагаше еден дел опозицијата и меѓународната заедница, изборите да бидат во првата недела од мај, односно на 3 мај, што е краен законски рок, поради потребата за спроведување на измените на изборните закони договорени во дијалогот што го имаше власта со дел од опозицијата со посредство на Европскиот парламент.

Поголемиот дел од опозицијата, коалицијата на Сојузот за Србија, како и партиите на поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ – Социјалдемократската партија (СДП) и Нова странка (НС) на поранешниот премиер Зоран Живковиќ најавија бојкот на изборите.