Меркел и Пленковиќ се надеваат на напредок во ЕУ за Скопје и Тирана

Архивска фотографија- германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашната средба во Берлин со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакнаа дека се надеваат дека ќе има напредок во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со Европска Унија на Самитот во мај во Загреб.

„Самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Загреб е многу важна работа поради проблемите со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Хрватска. Се надеваме дека на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се постигне напредок на тоа поле“, посочи Меркел по средбата со Пленковиќ.

И хрватскиот премиер изрази оптимизам за Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 5 и 6 мај. Двајцата разговараа и за координација со претседавањето со ЕУ и ја потврдија желбата заеднички да работат на решавање на проблемите. Хрватска го презема ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари, а по неа Германија на 1 јули ќе го преземе претседавањето.