Хрватско претседателство со ЕУ- датумот за Скопје и Тирана меѓу приоритетите

Архивска фотографија- премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ денеска на седница на Европскиот парламент во Стразбур зборувајќи за приоритетите на хрватското претседателство со Европската унија во следниве шест месеци рече дека ако сакаат самитот за Западен Балкан во Загреб да биде успешен треба да ја завршат прво домашната задача. Пленковиќ рече и дека најважен дел е да им се даде на пријателите од Западен Балкан перспектива за почнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

„Тие ја извршија домашната задача што ја побаравме од нив. Време е да им се даде реална перспектива за придвижување“, рече Пленковиќ.

Хрватскиот премиер наведе и дека идниот извештај на Европската комисија и предлозите за подобрување на методологијата за процесот на преговорите ќе бидат важни, додавајќи дека секоја земја кандидат треба да се оценува врз нејзините резултати, при што крајната цел на преговорите останува членството во ЕУ. Инаку меѓу главните приоритети на Загреб ќе бидат и процесуирањето на Брегзитот, односно излегувањето на Британија од Унијата, најавено за 31 овој месец и генерално, процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.