Хафтар ја напушти Москва без да го потпише мировниот договор

Русија- Либискиот генерал Калифа Хафтар и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, 13.01.2020

Либискиот генерал Калифа Хафтар ја напуштил Москва без да го потпише договорот за прекин на огнот, со кој требаше да се стави крај на неколку месечната битка во таа северно-африканска држава, соопшти денеска руското министерство за надворешни работи.

Фајез ал-Сарај, кој е на чело на либиската влада која е признаена од Обединетите нации и Калифа Хафтар, командант на самопрогласената Либиска национална армија пристигнаа вчера на мировни разговори во Москва. Двете спротиставени страни не се сретнаа директно, туку нивните делегации имаа седумчасовни средби зад затворени врати со дипломати и воени официјални лица од Русија и Турција.

Вечерта, рускиот министер за надворешни работи и неговиот турски колега, Сергеј Лавров и Мевљут Чавушоглу рекоа дека ал-Сарај го потпишал нацрт-мировниот договор, но дека Хафтар барал дополнително време да го разгледа.