Спасовски: сите од власта да потврдат дека државата е во сигурни раце

Архивска фотографија- премиерот Оливер Спасовски на седница на Владата

Премиерот Оливер Спасовски денеска, на првата прес конференција во зградата на владата откако е технички премиер, рече дека ова е исклучително важен период за земјава и побара од сите институционална и политичка одговорност.

„Сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека владата и државата се во сигурни раце. Секој политички чин на членовите на Владата, во сите линии на хиерархија, треба да произлегува од одговорноста да им укажеме на сите наши граѓани дека треба да бидат спокојни“, рече Спасовски.

Тој нагласи и дека постои историска одговорност сите институции да продолжат со организација на избори какви што доликуваат на европската демократија. Спасовски ја презема премиерската позиција на 3 јануари, како технички премиер на владата која треба да ги спроведе изборите договорени за на 12 април годинава.

Според Законот за Влада, договорен во рамки на разговорите во Пржино во 2015 година, двајца министри- за внатрешни работи и за труд и социјала има ВМРО-ДПМНЕ, која има и тројца дополнителни заменици министри- во министерствата за финансии, јавна администрација и информатичко општество и земјоделство. Во овие десетина дена, откако функционира техничката влада, речиси секојдневно има расправии меѓу кадрите од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ кои се на раководните позиции во министерствата.