Министерот Димковски ги демантира наводите од аудио снимката со наводни закани

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски

Министерот за земјоделство Трајан Димковски попладнево на прес-конференција ги демантираше обвинувањата за закани врз државен службеник, што, наводно се слушаат од аудио-снимка објавена на дел од македонските портали.

„ВМРО–ДПМНЕ и нивните портали, сакајќи да обелоденат некаков скандал за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажуваат дека се во одбрана и сакаат да заштитат лица кои вршат криминални активности“, рече министерот Димковски.

Димковски потврди дека на снимката се слуша разговор меѓу неговиот советник Томе Мојсовски со друго лице чиј идентитет порталот не го открива, но, како што напомена, воопшто не станува збор за закани, туку за барање лицето да работи според законот. Лицето, рече министерот, е инспектор кој требал да го следи концесионерот на Охридското Езеро, но тоа не го правел три месеци со што овозможил низа прекршувања.

Претходно беше објавена аудио-снимка во која наводно се слуша гласот на еден од советниците на министерот како на инспектор од Охрид му кажува да „се огради од се и да си поднесе оставка“.