Во Прилеп убиени мајка и ќерка, синот ранет

Утрово во семејна куќа биле убиени мајка и нејзината ќерка, а тешко е повреден и синот на убиената. Во нив пукал 50-годишниот поранешен сопруг и зет на починатите, соопшти Јавното обвинителство.

„Јавен обвинител во координација со екипи на крим-техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид во куќа на ул. Александар Македонски во Прилеп каде утринава во 8 часот беа пронајдени две безживотни тела. Безживотните тела на А.П. родена 1979 година и нејзината мајка Т.К. родена 1956 година имале прострелни рани. Во нив пукал сега осомничениот, 50-годишниот поранешен сопруг и зет на починатите. Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на оштетените, кое било во просторијата“, соопшти ЈОРМ на својата интернет страница.

Во обидот да биде совладан, повреден е и осомничениот. Повредениот и осомничениот се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош.

„Јавниот обвинител издаде и Наредба за претрес во домот на осомничениот прилепчанец кој, според сознанијата на обвинителството, поради претходно нарушени брачни односи не живеел во заедница со неговата сега почината сопруга“, соопшти Обвинителството.