Косово- претседателот бара одговор кој ќе биде мандатар

Архивска фотографија- Претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти

Претседателот на Косово Хашим Тачи му се обрати на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти со ново писмо, во кое бара во најкраток рок да го информира кој ќе биде мандатарот од неговата партија, како победничка на октомврските парламентарни избори, за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Забележувајќи му за доцнењето во процедурите, Тачи го прашува Курти дали ја одбива неговата понуда за именување мандатар, за да може да го додели мандатот на друга партија, согласно уставните и законските одредби.

Во Косово со месеци не може да се формира влада. На вонредните парламентарни избори на 6 октомври победи ВВ со освоени 26,27, додека ЛДК беше втор со 24,54 отсто од гласовите, така што во 120-членото Собрание партијата на Курти има 30, а онаа на Мустафа 28 пратеници.