САД- претставничкиот дом гласаше за ограничување на воените акции на Трамп

Архивска фотографија- спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси

Американскиот Претставнички дом, како што беше и очекувано, вчера ја изгласа необврзувачката резолуција со која се ограничуваат можностите на претседателот Доналд Трамп да презема воени акции против Иран. Резолуцијата беше изгласана со 224 гласа „за“ и 194 „против“. Тројца републиканци гласаа за, а осум демократи против.

Со резолуцијата му се ограничува на американскиот претседател можноста за употреба на американската војска во непријателски активности во или против Иран и се предвидува пред каков било воен потег да мора да го консултира Конгресот. Војска, пак, според необврзувачкиот документ, може да биде испратена во Иран само ако Конгресот прогласи војна.

Часови пред гласањето спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси рече дека не верува оти администрацијата на Трамп ги направила САД побезбедни со убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани кој беше убиен во американски напад пред една недела во Ирак. Пред гласањето Трамп, пак, на Твитер напиша дека се надева оти „сите претставници на републиканците ќе гласаат против резолуцијата на лудата Ненси Пелоси“.