Обвиненија, напади и попови

МАКЕДОНИЈА - Основниот Кривичен суд соопшти дека советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Од судот информираат дека сега се чека преку системот за управување со судски предмети (АКМИС), случајот да биде прераспределен кај судија.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархели на 15 и 16 јануари ќе престојува во посета на Северна Македонија, јави новинската агенција МИА, повикувајќи се на извори во Брисел.

САД - Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави, кој е под контрола на Демократската партија, ќе гласа за ограничување на правата на претседателот Доналд Трамп да презема воени акции против Иран откако многу претставници во тоа тело рекоа дека не се задоволни од објаснувањето на Белата куќа за нападот врз иранскиот генерал.

ИРАН / УКРАИНА - Украинскиот авион бил во оган пред да падне во близина на аеродромот во Техеран, покажува првичниот извештај на Иранската цивилна авијациска организација. Во несреќата на Украинскиот меѓународен авиопревозник, кој патуваше од Техеран до Киев, загинаа сите 176 луѓе кои беа во авионот.

АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама вели дека не е изненаден од изјавата на иранскиот врховен лидер, Али Хаменеи, кој Албанија ја прогласи за непријател и ја нарече мала ѓаволска земја која засолнила нивни непријатели. Во интервју за Топ чанел Рама изјави дека Албанија во сојузот со САД не придонесува со ракети и бомби, туку преку хуманитарна операција за сместување на муџахедините.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Босанските Срби го одбележаа Денот на Република Српска, контроверзен датум на чие одбележување се спротиставуваат другите етнички групи во Босна и Херцеговина.

СРБИЈА - Илјадници луѓе протестираа во Белград против, според нив, намалувањето на верските и другите права на српското малцинство во соседните земји. Протестот пред црквата Свети Сава на кој учествуваа десничарски и навивачки групи беше предводен од попови на Српската православна црква.