Предлози и терористи

МАКЕДОНИЈА / УНГАРИЈА - Унгарските власти и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) наведуваат дека во текот на 2019 година двојно е зголемен бројот на илегални гранични премини на така наречената балканска рута во однос на 2018 година.

МАКЕДОНИЈА - СДСМ соопшти дека со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи да биде Наќе Чулев, не се крши уставот.

КИПАР - Грција, Кипар и Израел потпишаа договор за изградба на гасоводот EastMed за испорака на гас од источниот Медитеран кон Европа и покрај противењето на Турција за договорот.

ГЕРМАНИЈА - Три жени се под истрага дека со пуштањето на хартиени балони со свеќи во нив за новогодишните празници го предизвикале пожарот во германската зоолошка градина во кој загинаа повеќе од 30 животни, соопштија властите.

АВСТРАЛИЈА - Владата на австралискиот Нов Јужен Велс прогласи седумдневна вонредна состојба како одговор на ескалацијата од пожари.

ТУРЦИЈА - Турција го одобри распоредувањето на трупи во Либија за да и помогне на владата во Триполи, поддржана од ООН.

ИРАН / САД / ИРАК - Иранските воени лидери испратија предупредување до Вашингтон откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Техеран е одговорен за антиамериканските протести во Ирак. Генералот Хосеин Салам, прв човек на Иранската револуционерна гарда, рече дека тие не ја водат земјата кон војна, но дека не се плашат од која било војна и оти и порачуваат на Америка да зборува коректно со иранската нација.

РУСИЈА - Терористичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во рускиот северен кавкаски регион Ингушетија во кој беше убиен еден полицаец.

ИЗРАЕЛ - Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе побара од парламентот имунитет од судско гонење во три корупциски скандали. Неговата најава уследи по неколкумесечното избегнување да одговори на прашањето кои се неговите намери.

ИРАК - Ирачката војска соопшти дека проиранските парамилитантни групи се повлекле од американската амбасада во Багдад два дена откако толпата го нападна комплексот поради што американските власти испратија неколку стотици дополнителни војници во регионот.