Потпишан колективниот договор во културата

Архивска фотографија- Министерот за култура Хусни Исмаили

Вработените во културата добија колективен договор со кој ќе имаат регулирани работнички права, а од 1 јули следната година ќе бидат утврдени и коефициентите за платите. Договорот беше потпишан денеска од Синдикатот на културата и Министерството за култура.

„Со потпишувањето ќе бидат регулирани работничките права, се валоризира трудот, се утврдуваат надоместоците и се заштитуваат сите права на вработените од културата“, истакна министерот за култура Хусни Исмаили.

Од Синдикатот за образование, наука и култура се задоволни од потпишаниот колективен договор, но велат дека и во следниот период доколку има некакви неправилности ќе работат на нивно надминување.

„Во колективниот договор постои клаузила која кажува дека платите ќе бидат исплатени од 1 јули. Без разлика кој ќе биде на власт, тие средства ќе бидат исплатени“, рече Сања Арсовска од Синдикатот за култура.

Вработените во културата организирани од синдикатот, досега неколкупати излегуваа на протест за да бараат итно потпишување на колективен договор.