ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ прават предизборен поткуп

Партиско лого на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека премиерот Зоран Заев и владејачката СДСМ спроведуваат „предизборен поткуп“, со тоа што само на шест дена пред избирањето на техничката влада најавуваат отпишување на долгови, процес кој планираат да се одвива во изборен период, велат од опозицијата.

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека на утрешна седница на Владата се очекува да биде дадена поддршка на законско решение за отпишување на камати од долговои дадени на извршување коишто граѓаните ги имаат кон државен орган, јавно претпријатие или установа на централно или локално ниво направени заклучно со 31 декември 2017 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Заев со овој чекор директно врши изборен поткуп на однапред определена група на граѓани. Оттаму велат дека „лажната грижа за граѓаните“ ќе заврши по 12 април.

„Три години граѓаните беа жртви на џелатите на власта, јавните претпријатија и државните органи, кои ги даваа на извршување граѓаните и ги малтретираа по налог на Заев и врвот на власта, а сега ги лаже и манипулира дека нешто прави“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев најави дека освен наведениот закон, на утрешната владина седница ќе се најдат и измени на Законот за извршување, според кој е предвидено извршителите да прекинат со присилно извршување на предметите.