Навални не е приведен, полицијата само го извлекла од канцеларијата

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални вели дека полицијата го отстранила од неговата канцеларија додека вршела претрес во седиштето на Фондацијата за борба против корупцијата. Навални на Твитер напиша дека никој не е приведен, само дека го извлекле од канцеларијата. Тој го објави твитот, откако неговата портпаролка рече дека тој е „насилно приведен и одведен“.

Навални претходно рече дека властите на 23 декември му го киднапирале неговиот соработник, активистот Руслан Шавединов и го испратиле на служење на воен рок во една база во регионот на Северниот пол. Навални вели дека Шавединов бил ослободен од воен рок кој во Русија е задолжителен за мажи од 18 до 27 години и е 12 месеци.

На 24 декември пак московскиот суд го казни со 16 илјади долари парична казна адвокатот на организацијата на Навални, заради тоа што неколкупати прекршил правила за организирање јавни настани.

Навални се смета за најголем критичар на рускиот претседател Владимир Путин.

ЕУ неодамна донесе резолуција со која се повикуваат руските власти да престанат со создавање на непријателска атмосфера кон граѓанското општество. Унијата смета дека прекумерните казни и решенија против медиумите, организациите за човекови права и граѓанското општество се намерно насочени кон тоа тие нивните ресурси да ги трошат на казни, а со тоа и да им се ограничи слободата на изразување.