Алфи, избори и биткоини

МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека се спојуваат единицата за прв одговор Алфа и единицата за Јавен ред и мир во посебна интервентна единица, по примерот на повеќе европски земји, за да има поголема видливост и активност на луѓето на терен.

МАКЕДОНИЈА - Изборите може и да се одложат, доколку во Собранието не се донесат суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев, но додаде дека сепак не го посакува тоа.

РУСИЈА - Судот во Москва го продолжи притворот на поранешниот американски маринец Пол Вилан за уште три месеци. Тој останува во притвор до 29 март, по обвинение за шпионажа.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека погрешил во врска со Русија и оти веќе не верува дека е можно ресетирање на односите со Москва поради многуте разлики што ги делат двете земји.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека не е сигурен оти Европската унија ќе ја прими Србија во членство ни ако Белград го исполни сето она што се бара.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Министерот за внатрешни работи на Република Српска Драган Лукач го удрил на седница на Собранието на Република Српска пратеникот на опозиската Партија на демократски прогрес Драшко Станивуковиќ. Претходно министерот рекол дека никој нема право во собранието да шета со знаменца на НАТО. Тој најпрвин му се заканил на Станивуковиќ по што му удрил шлаканица, раскрвувајќи му ја усната.

ГРЦИЈА - Адвокатот на рускиот државјанин 40 годишниот Александар Виник кој е осомничен за проневера на милијарди долари во дигиталната валута биткоин изјави дека неговата екстрадиција од Грција во Франција била одложена.

СИРИЈА - Најмалку осум луѓе, меѓу кои и пет деца, загинаа во воздушните напади од страна на руските сили во северозападна Сирија. За време на воздушните напади било погодено засолниште на раселени цивили во село во провинцијата Идлиб, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

КОСОВО - Европската унија инвестира повеќе од 80 милиони евра за подобрување на квалитетот на воздухот во Косово, чиј главен град на Приштина се гуши од загадување од електраните на јаглен, од греењето на јаглен и дрва и од старите возила.