Трајковски повторно не дојде на судењето на „ТНТ“

Архивска фотографија - Екс-министерот Миле Јанакиески и екс-градоначалникот Тони Трајковски на судење за ТНТ

Поранешниот градоначалник на Општина Гази баба, Тони Трајковски, кој е третообвинет во случајот „ТНТ“, и денеска не дојде на судењето. Неговиот адвокат Јовица Страшковски, информираше дека неговиот клиент повторно е во болница, по повредите со кои се здобил откако бил нападнат од две лица. Адвокатот вели дека Трајковски тешко зборувал и бил дезоринетиран. Трајковски не дојде ниту на вчерашното судење, па Судот нареди тој за денешното рочиште стражарно да биде спроведен. Но откако адвокатот дал поднесок дека Трајковски може да дојде на судењето евентуално денеска по 15 часот или утре, судењето е одложено за 17 јануари.

Судењето за случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот Космос на бизнисменот и поранешен пратеник Фијат Цановски.

Претходно, Судот го отфрли барањето на Обвинителството за раздвојување на постапката против обвинетиот Тони Трајковски.

Обвинителот Бурим Рустеми, побара раздвојување на постапката за Тони Трајковски и 3-цата обвинети членови на комисијата за јавни набавки за случајот „ТНТ”. Обвинителот вели дека за прво и второ обвинетиот поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески треба да продолжи. Одбраната, пак, не се согласува со раздвојување на судењето.