Избран новиот Совет на министри на БиХ 14 месеци по изборите

Новиот состав на Советот на министри на БиХ

Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина денеска на итна седница во Сараево го избра новиот состав на Советот на министри на БиХ. За новиот состав гласаа 29 пратеници, осум беа против и еден воздржан.

Советот на министри на БиХ е избран четиринаесет месеци по последните општи избори во БиХ. Него го сочинуваат Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и помалите партии на владејачката коалиција во Република Српска, Партијата за демократска акција (СДА), Хрватската демократска заедница (ХДЗ БиХ), Демократскиот фронт и Алијансата за подобра иднина (СББ).

Претседавач на Советот на министри на БиХ е Зоран Тегелтија од СНСД, а негови заменици се Бисера Турковиќ (СДА) и Вјекослав Беванда (ХДЗ БиХ). Турковиќ е нов министер за надворешни работи на БиХ, а Беванда останува државен министер за финансии.