Македонски ТНТ, либански протести, белоруски хероин...

ЛИБАН - Илјадници Либанци демонстрираа во Бејрут и во други градови против новиот премиер Хасан Дијаб, барајќи од него да ја напушти функцијата бидејќи бил припадник на владејачката елита.

МАКЕДОНИЈА - Судијата Огнен Ставрев го одложи судењето за ТНТ, откако третообвинетиот, екс-градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски не се појави во Судот. Неговиот адвокат рече дека Трајковски бил нападнат, и поради здобиените повреди од физичкиот напад треба да направи дополнителни испитувања. Судот нареди Трајковски за утрешното рочиште стражарно да биде спроведен.

МАКЕДОНИЈА - Граѓаните имаат различни очекувања за тоа дали ќе се реши нешто со политички дебати, но ако се суди по нивните изјави ситуацијата може да тргне кон подобро по минатонеделните протести на средношколците против аерозагадувањето.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на церемонијата за официјално пуштање во употреба на железничкиот сообраќај на мостот што ја поврзува Русија со окупираниот Крим.

САУДИСКА АРАБИЈА - Обвинителството во Саудиска Арабија соопшти дека пет луѓе се осудени на смртна казна за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. За случајот Кашоги уште тројца луѓе се осудени на казна затвор од вкупно 24 години.

ИРАН - Училиштата во Техеран ќе останат затворени една недела поради сериозното загадување на воздухот, објавија иранските власти. Техеран трет ден по ред е под токсичен смог. Сите училишта во Техеран, освен во два огруга ќе бидат затворени, соопштија властите.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Англискиот фудбалски клуб Тотенхем покрена истрага по повод расизмот на навивачите на вчерашниот меч против Челзи и ќе забрани влез на стадионот за секој за кој се вопсотави дека бил виновен за навредите врз расна основа. Челзи како гостин го победи Тотенхем со 2 спрема 0 во Премиер лигата, а неговите навивачи врз расна основа го навредувале фудбалерот на Челзи Рудигер. Во текот на натпреварот три пати од разглас беше прочитано предупредување.

БЕЛОРУСИЈА - Полицијата во Белорусија запленила 500 килограми хероин, што е најголема заплена на хероин во државата, соопштија тамошните власти.