Во Собранието завршна расправа за буџетот за 2020 година

Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието денеска треба да заврши расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година.

Во текот на изминатите четири дена, опозицијата го критикуваше предложениот буџет со оценка дека тој е неразвоен и претставува предизборно купување на граѓаните. Според опозицијата, предложениот буџет ќе предизвика далекусежни последици врз економијата.

За владејачката СДСМ, проекциите во буџетот се во согласност со растот на домашната економија и тој е во насока на фискална стабилизација.

Расправата за Предлог-буџетот почна во понеделникот и согласно со Деловникот за работа на Собранието, треба да заврши денеска.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година.